Германска министерка поднесе оставка поради плагиран докторат

Германската министерка за образование Анет Шаван.

Германската министерка за образование Анет Шаван поднесе оставка, откако докторатот ѝ беше одземен по обвиненијата за плагијат. Пред неколку дена, универзитетот во Дизелдорф и го одзеде докторатот, повеќе од 30 години по докторирањето. Универзитетот соопшти дека Шаван „систематски и намерно“ копирала делови од нејзините тези. Таа денеска соопшти дека поднесува оставка за да спречи притисоци врз владата и врз нејзината Христијанско демократска партија, но дека не ја прифаќа одлуката на Универзитетот и оти правдата ќе бара на суд. Шаван е блиска пријателка и сојузник на канцеларката Ангела Меркел. Скандалот се случува во изборна година, а владата на Меркел ќе се обиде да добие трет мандат. Во 2011 година, и тогашниот министер за одбрана во владата на Меркел, Карл-Теодор цу Гутенберг поднесе оставка, откако беше обвинет за плагијат во неговите докторски тези.