Протести поради убиство на опозициски лидер во Тунис

Убиениот опозициски лидер Чокри Белаид.

Стотици луѓе протестираат пред министерството за внатрешни работи во Тунис поради денешниот атентат врз опозицискиот лидер Чокри Белаид, претседател на лево ориентираната Обединета демократска национална партија. Тој беше застрелан денеска пред неговиот дом во главниот град Тунис, а почина кусо потоа во болница. Белаид беше критичар на умерената исламистичка партија Енахда која има мнозинство. Претседателот Монцеф Марзуки го откажа учеството на Самитот на Организацијата за исламска соработка во Каиро за да се врати во Тунис. Претходно, портпаролот на владата го осуди убиството за кое рече дека е „одвратно злосторство“. Мотивите за атентатот засега се непознати.