Ахмадинеџад и Морси разговарале за конфликтот во Сирија

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад пречекан од неговиот египетски колега Мохамед Морси во Каиро.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад денеска се сретна со неговиот египетски колега Мохамед Морси на почетокот на неговата посета на Каиро. Ахмадинеџад е прв ирански претседател што го посетил Египет по исламската револуција од 1979 година.

Државната египетска новинска агенција МЕНА објави дека двајцата претседатели разговарале за регионалните случувања и за тоа „како да се стави крај на крвопролевањата во Сирија“ без воена интервенција. Египет и Иран поддржуваат различни страни во сирискиот конфликт. Иран го поддржува режимот на претседателот Башар ал-Асад, додека Египет е на страната на бунтовниците.

Ахмадинеџад и Морси разговарале и за „начините за зајакнување на односите меѓу Египет и Иран“.

Односите меѓу Иран и Египет беа во прекин од 1980-та година, кога Египет потпиша мировен договор со Израел. По соборувањето на Хосни Мубарак и догањето на власт на Муслиманското братство, Техеран ги подобрува односите со Каиро.

За време на тридневната посета на Египет, Ахмадинеџад ќе присуствува и на Самитот на Организацијата за исламска соработка во Каиро.