Новинарите иронично им се извинија на Вељаноски и на Груевски

Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис.

Синдикатот на новинари и медиумски работници денеска организираше колективно извинување до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и до премиерот Никола Груевски, со тоа на ироничен начин сакајќи да укаже на задушувањето на слободата на медиуми во Македонија. Повод за акцијата беше извинувањето до спикерот Вељаноски од главната уредничка на Утрински весник Соња Крамарска, поради веста за спорната анкета за настаните од 24 декември.

Му се извинувам на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски затоа што не ги манипулирал резултатите од анектата за наводните инциденти на 24 декември 2012 во Собранието и истите ги повлекувам. И инцидентите, и резултатите, стои во ироничните извинувања од новинарите.

На премиерот му се извинија за секое ненарачано и нетематско прашање на тематска прес-конференција, бидејќи доаѓале на време на прес-конференции и затоа што Македонија падна на најниско ниво според медиумските слободи.