Асад - Израел се обидува да ја дестабилизира Сирија

Илустрација: Сиријски бунтовници во близина на Дамаск.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад го обвини Израел дека се обидува да ја дестабилизира Сирија со неодамнешниот воздушен напад на сиријска територија. Ова тој го изјави на средбата со секретарот на Иранскиот национален совет за безбедност Саид Џалили во Дамаск, јавија државните медиуми. Асад рекол дека Сирија е способна да се спротивстави на „секоја агресија“.

Сиријската влада претходно соопшти дека израелски авиони нападнале воена база во близина на Дамаск. Американски претставници, пак, изјавија дека мета на нападот бил конвој што носел против-воздушно оружје за либанската милитантна организација Хезболах во близина на сиријско-либанската граница. Израел не го коментираше нападот, но министерот за одбрана Ехуд Барак пред новинарите на Конференцијата за безбедност во Минхен изјави дека тоа е „уште еден доказ дека кога ќе кажеме нешто го мислиме тоа“.