Ердоган - Време е ЕУ да ни каже дали сака да не прими

Tурскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Турција веќе 50 години чека да влезе во ЕУ, па затоа е време да ни кажат дали сакаат да не примат или не, изјави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган пред заминувањето на неговата мини-европска турнеја, во чии рамки ќе ги посети Чешка, Словачка и Унгарија.

„Ќе и кажам на ЕУ: Ако имате намера да не примите, примете не. Но, ако сакате да се откажеме (од членството), подготвени сме да го разгледаме и тоа прашање. Земја која 50 години чека пред вратата на ЕУ, мора да донесе некаква одлука“, нагласи Ердоган, додавајќи дека Шангајската петорка не може да биде алтернатива на членството во ЕУ.

На прес-конференција одржана на аеродормот „Ататурк“, Ердоган најави дека тема на неговите разговири со европските партнери ќе бидат односите Турција-ЕУ, кипарското прашање, палестинскиот проблем, кризата во Сирија и настаните во Северна Африка.

За време на мини-турнејата низ средна Европа, Ердоган ќе биде придружуван од министрите за европски прашања Егемен Багаш, за економија Зафер Чаглајан и за енергија и природни ресурси Танер Јилдиз, како и од 80-тина турски бизнисмени.