Протестен марш на Златна зора во Атина

Над 5.000 приврзаници на грчката ултра-националистичка партија Златна зора синоќа одржаа марш низ улиците на Атина, со кој ја одбележаа годишнината од грчко-турскиот пограничен инцидент од 1996 година, кој предизвика сериозна криза во односите меѓу Грција и Турција.

Учесниците на маршот носеа запалени факели и извикуваа антиамерикански, антитурски и антиимигрантски пароли, јавува МИА. Маршот, за време на кој демонстраните минаа и пред Амбасадата на САД во Атина, мина без инциденти.

Во 1996 година Грција и Турција дојдоа на прагот на меѓусебна војна поради два ненаселени острови во Егејското Море во близина на турскиот брег, кои и Атина и Анкара ги сметаат за своја територија. Инцидентот беше инициран од националисти од двете страни, кои поставија свои знамиња на островите. Состојбата дополнително се вжешти со пад на грчки воен хелкиоптер кој беше во извидничка мисија во регионот, при што загинаат тројца офицери.

Вооружен конфликт меѓу двете земји беше избегнат благодарејќи на интервенцијата на САД, кои посредуваа во смирување на тензиите. Отстранувањето на грчкото знаме од осторвите, од страна на националистите во Грција беше оценето како капитулација на Атина.