Камерон во ненајавена посета на Либија

Британскиот премиер Дејвид Камерон на средба со неговиот либиски колега Али Зеидан во Триполи.

Британскиот премиер Дејвид Камерон ненајавено ја посети Либија, каде што вети помош во обука и совети за војската и за полицијата, во услови на растечка загриженост за безбедноста во регионот. Посетата на Камерон на Триполи доаѓа неколку дена откако британскиот Форин офис предупреди на потенцијална закана за британската амбасада во Либија. Британскиот премиер вчера беше во посета на Алжир, две недели по заложничката драма во гасна постројка во близина на границата со Либија, во која веројатно загинаа шестмина Британци. Се очекува, Камерон денеска да патува во Либерија каде што треба да присуствува на конференција за развој.