Груевски и Тачи разговарале за локалните избори

Премиерот Никола Груевски на средба со лидерот на опозициската ДПА Мендух Тачи во владата.

Претстојните локални избори и евро-интеграциите биле во фокусот на разговорите на денешната средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на опозициската ДПА Мендух Тачи. Лидерот на ДПА изјави дека го информирал Груевски дека доколку ДПА ги победи ДУИ на локалните избори, макар и со еден глас повеќе, ќе бара распишување на предвремени парламентарни избори.

Според него, во однос на локалните избори, Владата е одговорна затоа што ги има сите инструменти за тие да бидат фер, коректни и демократски. На средбата било договорено, информира Тачи, изборните штабови да комуницираат односно да нема судири за време на кампањата во техничка комуникација.

Претседателот на ДПА изјави оти со премиерот Греувски, не се согласуваат за многу работи, но заеднички бил ставот оти интеграциските процеси треба да бидат приоритет за сите политички партии.

Ова е прва формална средба на Груевски и Тачи, по пет години откако беше раскината двегодишната коалиција по парламентарните избори изборите во 2006 година.