Собранието тврди дека не ги злоупотребило резултатите од анкетата на ИДСЦС

Собранието денеска реагира дека не ги злоупотребило резултатите од последната анкета за за работата на Собранието, што ја изработи Институтот за демократија „Societas Civilis“ – Скопје( (ИДСЦС) по нарачка на Вестминстер Фондацијата за Демократија.

„Посочуваме дека официјалните резултати од спроведената анкета на 25 јануари 2013 година, до Собранието беа доставени без забелешка во однос на методолошкиот пристап или, пак, во однос на кој било друг аспект од реализирањето на анкетата“, се наведува во соопштението од Собранието.

ИДСЦС претходно реагира на тоа што Собранието јавно ги соопшти резултатите од анкетата, поточно од прашањата кои се однесуваат на настаните од 24 декември, иако, како што соопштија, им било кажано дека резултатите од овие две прашања, кои инаку отстапуваат од воспоставениот прашалник што се користи секоја година, ќе послужат единствено за „интерни потреби“. Тие велат дека имале методолошки и содржински забелешки за формулацијата на тие две дополнителни прашања, но сепак прифатиле да бидат додадени во прашалникот, пред сè во име на претходната коректна соработка, но и џентлменски договор дека деталите околу презентирањето на резултатите од анкетата ќе бидат дополнително договорени“, се наведува во соопштението од ИДСЦС.

ИДСЦС реагираше и дека форматот на презентација на резултатите од истражувањето, со последниот брифинг за новинари, отстапува од воспоставената пракса од претходните години, кога се одржуваше јавна прес-конференција во Собранието, со присуство на претставници од ИДСЦС и Вестминстер Фондацијата за Демократија, која финансиски го поддржува истражувањето. За Собранието, пак, начинот на презентирање на резултатите е од второстепено значење, а од примарно значење се резултатите.

Повикувајќи се на таа анкета, Собранието претходно соопшти дека дури 72 отсто од граѓаните одговориле со „да“ на прашањето „Ако пратениците не го почитуваат редот во Собранието, дали да се отстранат?“ На второто прашање „Дали да се почитува редот и покрај заострените односи?“, позитивно одговориле 94 отсто од анкетираните.