Бугарскиот референдум за Белене веројатно ќе пропадне

Белене.

Во Бугарија денеска се одржува референдум за изградба на нуклеарната централа Белене што се смета за барометар за односите со Русија на таа членка на ЕУ. За да бидат резултатите валидни, на гласање мора да излезат најмалку 60 отсто од избирачите. Проценките велат дека референдумот веројатно ќе пропадне зашто до 13 часот на гласање излегле само 9 отсто од регистрираните гласачи.

Референдумот е распишан на иницијатива на опозициската Социјалистичка партија за да се принуди Владата да ја промени одлуката - да се откаже од договорот со Русија за изградба на втора нуклеарна електрана во државата.

Изградбата на Белене е во застој поради несогласување меѓу Бугарија и Русија во врска со конечната цена која ќе биде меѓу шест и 11 милијарди евра. За да пронајде нов инвеститор, премиерот Бојко Борисов раскина договор со руска фирма која бара надомест од 1,3 милијарди долари и се обрати до Меѓународниот суд за арбитража во Париз.