Ирска очекува Македонија да ги почне преговорите за членство годинава

Шефот на ирската дипломатија Имон Гилмор.

Ирското претседателство со Европската унија се надева Македонија да ги почне преговорите за членство во првата половина на 2013 година, истакнал шефот на ирската дипломатија Имон Гилмор пред Комитетот за надворешни прашања на Европскиот парламент.

„Во првата половина на 2013 ќе имаме шанса да ги отвориме преговорите со Србија и Македонија, на Албанија да и доделиме кандидатски статус и да потпишеме договор за асоцијација со Косово. Знаеме дека ова е амбициозна агенда, но ирското претседателство ќе работи за прогрес на земјите од Западен Балкан“, изјавил Гилмор, објаснувајќи ги приоритетите на ирското претседателство со ЕУ, пренесува италијанската агенција АНСА.

Ирска како претседавач ќе ја поддржи кандидатурата и на Босна и Херцеговина и затоа Гилмор очекува босанските власти поактивно да се ангажираат за интеграција на земјата во ЕУ.