СБ на ОН го осуди лансирањето на севернокорејската ракета

Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се осудува неодамнешното лансирање на ракета од страна на Северна Кореја. Резолуцијата исто така наметнува забрана за патување на некои севернокорејски официјални лица, како и замрзнување на имотот на компаниите вмешани во лансирањето од минатиот месец. Советот уште еднаш го повтори своето барање Северна Кореја да се откаже од својата нуклеарна програма.
Резолуцијата беше усвоена со поддршка на Кина, инаку сојузник на Пјонгјанг. Ова беше прво заострување на санкциите против оваа земја во последните 4 години.
Северна Кореја веднаш реагираше, истакнувајќи дека нема веќе да разговара за денуклеаризација на корејскиот полуостров и оти ќе ги засили своите воени и нуклеарни капацитети.