Средбата Груевски-Црвенковски заврши без договор

Не е постигнат никаков договор на денешната средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за надминување на политичката криза.

Како што изјави Груевски по едночасовната средба, Црвенковски настапил со ултиматум и го повторил барањето за одржување предвремени парламетарни избори заедно со локалните, што за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо. Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е ниту за тоа парламентарните избори да се одржат истовремено со претседателските.

ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на локалните избори, бидејќи, како што наведе, СДСМ не е единствената опозициска партија во Македонија.

Лидерот на СДСМ Црвенковски, пак, изјави дека ако нема парламентарни избори, СДСМ не се враќа во Парламентот и нема да учествува на локалните избори. Според него, Груевски денеска настапил како ништо да не се случило на 24 декември. Црвенковски смета дека Македонија се наоѓа во политичка криза и оти излез од неа се парламентарни избори на кои граѓаните би решиле во кој правец државата ќе оди во наредниот период.