Под истрага и адвокатот на Тимошенко

Главниот адвокат на затворената поранешна украинска премиерка Јулија Тимошенко, Сергеј Власенко реагира на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Главниот адвокат на затворената поранешна украинска премиерка Јулија Тимошенко, Сергеј Власенко, изјави дека ќе продолжи да ја застапува неговата клиентка и покрај тоа што и против него се води истрага. Тој рече дека очекува да биде уапсен. Власенко е обвинет за кражба на автомобил, грабеж и непочитување на судска одлука по разводот со неговата сопруга пред неколку години. Тој ги негира обвинувањата и смета дека тоа е обид на претседателот Виктор Јанукович да ја поткопа правната заштита на Тимошенко.

Властите вчера соопштија дека Тимошенко може да биде обвинета и за организирање на убиството на еден бизнисмен во 1996 година. Таа во моментов отслужува казна од седум години затвор за злоупотреба на службената должност.

Организациите за човекови права и западните земји сметаат дека затворањето на Тимошенко е политички мотивирано.