Приштина огорчена од отстранувањето на споменикот на ОВПМБ од Прешево

Косовската Влада денеска изрази огорченост поради отстранувањето на споменикот на припадниците на ОВПМБ во Прешево и порача дека со тоа се доведува во прашање дијалогот меѓу Белград и Приштина. Владата во Приштина оценува дека отстранувањето на споменикот претставува „уште еден доказ дека омразата кон Албанците кои живеат во Прешевската Долина сè уште е жива и дека се храни со такви дела на наследниците на геноцидната политика на Милошевиќ“.

Во соопштението од косовската влада се повикуваат Албанците од Прешевската Долина и граѓаните на Косово да не одговорат на „кукавичката провокација од Србија“.

Во меѓувреме, вршителот должност на шеф на Мисијата на ОБСЕ во Србија Пола Тиде изрази жалење што преговорите за изнаоѓање компромисно решение за спорниот споменик се прекинати со одлуката на Владата на Србија истиот да се отстрани. Тиде преку соопштение повика на „мир и атмосфера во која е можно да се обнови дијалогот“.

Припадниците на Жандармеријата утрово го отстранија споменикот на поранешните припадници на ОВПМБ од плоштадот пред зградата на општина Прешево.

Најнов предлог за решавање на спорот дојде од здружението на ветерани на поранешната ОВПМБ тој споменик да биде преместен од центарот на градот во
дворот на џамијата или Домот на културата во Прешево. Според косовските медиуми, предлогот дошол од Приштина и Тирана.