Нови случаи на разни видови грип во Македонија

Илустрација

Од дополнителните лабораториски анализи во Институтот за јавно здравје, уште кај девет пациенти е докажано присуство на вирусот на грип, изјави Јованка Костовска, раководител на Сектор за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство.
- Од деветте нови позитивни случаи кај шест станува збор за вирус на грип од типот А (H1N1), а кај двајца за вирус на грип од типот А (H3N2), додека кај еден случај кој многу доцна е дојден на Клиниката за инфективни болести е потврдено само инфлуенца А, истакна Голубинка Бошевска од Институтот за јавно здравје.

- Веќе неколку пати е спомнато од Светската здравствената организација дека веќе зборуваме за сезонски грип и не употребуваме термини свински грип или пандемски грип, рече Костовска.
Таа ги повтори препораките до населението, дека сите пациенти кои не се во ризична група, а добијат симптоми на грип (температура, кашлица, главоболки и болки во мускули, солзење, кивање) сите може да се лекуваат и во домашни услови со симптоматска терапија (парацетамол, витамини, толи напитоци) и одмор. Доколку за три дена кај нив не се смири состојбата туку се влошува треба веднаш да побараат лекарска помош.
- За лицата кои се хронично болни - лица над 60 години, деца под двегодишна возраст, бремени жени, кои ќе добијат симптоми на грип без разлика дали е лесна клиничка слика, веднаш треба да побараат лекарска помош од матичниот лекар затоа што за нив веднаш треба ординирање на антивурисна терапија или тамифлу кој треба да се даде во првите 48 часа, рече Костовска.