Груевски - Сакаме да најдеме решение на спорот со Грција

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц на средба со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски во Скопје на 11 јануари 2013 во Скопје.

Иницијативата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе за трилатерална средба во која би се вклучиле шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос и министерот за надворешни работи Никола Попоски е добра за надминување на спорот за името кој ја блокира евроинтеграцијата на државата, рече премиерот Никола Груевски.

„Нема ништо лошо во тоа. Нека има почести средби, нека се среќаваат министрите. Би прифатил доколку се организира некоја средба со грчкиот премиер. Нашата намера е да бараме решение и да најдеме решение за овој проблем“, рече премиерот Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на нови наслови од владиниот проект за превод на стручни книги.

Во однос на барањето дијалог од страна на опозицијата за надминување на политичката криза, Груевски рече дека е за дијалог во институциите и го повика СДСМ да се врати во Парламентот.

Тој рече дека сите работи во врска со Изборниот законик што беа препорачани од ОБСЕ и се однесуваат на локалните избори се прифатени. Груевски повтори дека владата е спремна на засилен меѓународен мониторинг за изборите и за евентуално допрочистување на избирачкиот список, ако опозицијата смета дека има потреба.