Откази за штрајкувачите во романските железници

Романскиот министер за транспорт Релу Фенекиу изјави дека одговорните за денешниот штрајк на вработените во романските железници ќе бидат избркани од работа поради настанатата ситуација.

Тој нагласи дека забавувањето во исплаќањето на платите, кое беше причина за штрајкот, трае само еден ден и даде уверување дека вработените ќе ги добијат платите најдоцна до утре.

Повеќе возови останаа на станиците во различни населени места во Романија изутрината, откако вработените во националната железничка компанија Че-Фе-Ре прогласија спонтан штрајк. Тие освен од ненавременото исплаќање на платите се незадоволни и од условите на работа. Штрајкот блокираше 138 возови на национално ниво.