Дачиќ - Целосно државно единство за Косово

Српскиот претседател Томислав Николиќ и премиерот Ивица Дачиќ.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ денеска изјави дека Владата едногласно ги усвоила двата документа поврзани за Косово и со тоа е искажано целосно државно единство кога станува збор за оваа значајна тема, која е суштинско прашање од национални и државни интереси. Платформата за Косово нема да биде претставена во јавноста, а предлог-резолуцијата ќе биде ставена на гласање во Парламентот.

„Пораката на резолуцијата е дека сакаме сеопфатно решение, дека ќе продолжиме со дијалогот и со изнаоѓање решение. Имаме потреба да ги одбраниме нашите национални и државни интереси и да предложиме да мислиме како Србите треба да се организираат и да живеат на Косово во услови кога нема конечно решение, како што е предвидено со Резолуцијата 1244“, рече Дачиќ.

Тој додаде дека шефот на државата Томислав Николиќ и предложил на Владата платформа за политички разговори со претставниците на институциите во Приштина, која била прифатена.

„Секако се тргнува од тоа дека Србија нема да ја признае еднострано прогласената независност на Косово“, рече српскиот премиер.