Францускиот министер за буџет под истрага за затајување данок

Илустрација.

Француското обвинителство соопшти дека ќе почне прелиминарна истрага по обвинувањата дека министерот за буџет Жером Каузак со години има тајна приватна сметка во швајцарска банка. Тој ќе биде испрашуван поради сомнеж за затајување данок. Каузак рече дека е задоволен што се отвора истрага, која, според него, ќе докаже дека е целосно невин. Француски он-лајн медиум минатиот месец објави дека Каузак 20 години имал тајна сметка во банката УБС, сè до 2010 година кога беше назначен за претседател на собраниската комисија за финансии. Каузак го тужи порталот за клевета. Обвинувањата против министерот доаѓаат во време кога францускиот претседател Франсоа Оланд ги повикува богатите Французи да ги прифатат зголемувањата на даноците богатите, наместо да ги носат парите во странство.