Камерон сака да биде британски премиер до 2020 година

Британскиот премиер Дејвид Камерон.

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека сака да остане на фунцкијата до 2020 година ако неговата Конзервативна партија победи на парламентарните избори во 2015 година. Во интервју за Сандеј телеграф, 46-годишниот Камерон рече дека ќе му треба цел петгодишен мандат да го истурка пакетот реформи за многу прашања кои се движат од истополови бракови до трошоци за странска помош. Во британската јавност се појавија шпекулации дека Камерон може да се повлече на средина на вториот мандат и да му ја отстапи позицијата на друг конзервативен политичар. Новата анкета на британскиот весник „Дејли меил“ покажува дека има зголемување на рејтингот на антиевропската партија УКИП. Таа партија може да им одземе дел од гласовите на конзервативците и да доведе до победа на лабуристите и нивниот лидер Ед Милибанд на изборите во 2015 година.