Четиристрана средба за кипарското прашање во 2013

Анкара ќе бара решавањето на кипарското прашање да се случи преку свикување на четиристрана средба, што не се предвидува во резолуциите на Советот за безбедност на ОН, изјави портпаролот на кипарската Влада Стефанос Стефану.
Портпаролот изјави дека Никозија ќе се придржува кон резолуциите на ОН, кои ја определуваат како суштината на решението, така и процедурите кои ќе го следат создавањето на двозонална федерација.
На крајот на минатата година турскиот министер за ЕУ Егемен Багаш изјави дека ја поддржува идејата за четиристрана конференција за Кипар со учество на премиерите на Грција и на Турција и на лидерите на двете кипарски заедници по претседателските избори во Кипар во февруари идната година.
Кипар е поделен на меѓународно признаената Република Кипар, каде живеат претежно кипарски Грци и на Севернокипарска турска република, признаена само од Анкара.
Директни преговори меѓу двете заедници за уредување на кипарскиот проблем се водат од септември 2008 година, но сега дијалогот е „замрзнат“ поради разидување на позициите на двете страни.