ЗНМ „крајно незадоволно“ од одговорот на МВР

Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, избркан од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2013-та.

Здружението на новинарите на Македонија е „крајно незадоволно“ од одговорот на Министерството на внатрешни работи за претставката на ЗНМ во врска со исфрлањето на новинарите од Собранието кога се носеше буџетот за 2013 година.

„Одговорите на МВР не се однесуваат на нашата претставка. Ние баравме да се утврди одговорност на наредбодавачите и извршителите на одлуката која е спротивна на Уставот и со која беа спречени новинарите да ги следат настаните во Собранието. Насилното исфрлување на новинарите без никаква правна основа од галеријата во Собранието е чин на цензура што е забрането со член 16 од Уставот“, се вели во реакцијата од ЗНМ.

Ако одлуката била во согласност со Уставот и законите и спроведена на соодветен начин, зошто тогаш државниот врв изразува жалење, прашува Здружението на новинари.

ЗНМ очекува државните институции да смогнат сили да го расветлат случајот. Се додека тоа не се случи ЗНМ останува на одлуката за прекинување на разговорите со Владата, соопштува Здружението на новинари на Македонија.