Владата ќе се задолжи со нови 250 милиони евра кај Дојче Банк

Собранието на Македонија го донесе Законот за задолжување на Република Македонија кај Дојче банка, по скратена постапка.

Целта на заемот, како што е образложено, е да се обезбедат средства за финансирање на буџетските потреби во 2013 година. Неколку банки доставиле понуди за финансирање, а Дојче банк е избрана зашто имала најповолна понуда што овозможува задолжување по значително пониска каматна стапка.

Заемот е во износ од 250 милиони евра, со гаранција од Светска банка во износ од 155 милиони евра. Рокот на отплата е седум години и на две рати - првата во износ од 95 милиони евра ќе биде отплатена на денот на достасување, т.е 5 години од денот на повлекување на средствата на заемот, а втората рата во износ од 155 милиони евра ќе биде отплатена на денот на достасување, кој паѓа 7 години од денот на повлекување на средствата.

Заемот е со фиксна каматна стапка која ќе се утврди два дена пред денот на повлекување на средствата од заемот.