Македонците во Албанија бараат нов попис под меѓународен мониторинг

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција и градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко на вчерашната прес-конференција во Корча ја прочита Декларацијата потпишана неколку македонски здруженија од Албанија. Во неа се наведува дека имало бројни прекршувања при попишувањето на етничката припадност.

„Овој попис не беше во согласност со европските стандарди, и не ја отсликува реалната етничката структура на населението во Албанија“, се наведува во Декларацијата.

Македонските здруженија од Албанија затоа бараат спроведување нов попис „врз основа на меѓународните стандарди и под меѓународен мониторинг, затоа што само така може да се гарантира чесен и транспарентен процес каде ќе произлезе реалната етничка структура на Албанија“.

Претходно, Македонците заедно со Грците, Ромите, Власите, Србите и Црногорците потпишаа заедничка Декларација за непризнавање на пописните резултати, која ја доставија до албанските државни инситутции како и меѓународните претставници. Пописните резултати не ги признава ни Албанската православна црква.