Координацијата за буџетот повторно заврши некоординирано

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Расправа на комисија за финансирање и буџет

Без договор заврши и денешната координација кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за непомирливите разлики меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за буџетот за 2013 година.
Координативната средба кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за одблокирање на носењето на буџетот за 2013 година заврши без договор. СДСМ го одби предлогот на Вељаноски сите амандмани за буџетот да бидат испратени до владата и до министерот за финансии Зоран Ставрески, кој писмено би се изјаснил кои се прифатливи, а кои не, со цел да се забрза постапката.
Сметаме дека владата ги потроши сите кредити и не смее да опстои на нејзиниот инает, ароганција и желба за криминално и ненаменско трошење на парите. Нека се прифати нашиот предлог[...], во истиот момент на Комисијата за финансирање и буџет ќе изготвиме заеднички амандмани и тие ќе бидат амандмани на Комисијата.
Игор Ивановски, СДСМ.

„Тоа што го предлага Трајко Вељаноски го одбивме од многу едноставна причина. Прво, тој е неделовнички, не може да се спречи дебатата за амандманите на буџетот на Република Македонија и број два, предлогот на Трајко Вељаноски, претпоставувам дека е даден во име на ВМРО-ДПМНЕ, во име на владата, е безобразен, недоличен и е еден вид на кафеанско пазарење“, вели пратеникот на СДСМ Игор Ивановски.

Тој негира дека партијата ја напуштила средбата, како што соопштија од кабинетот на Вељаноски. Според Ивановски, тие не планираат да влегуваат во пазарење за парите на граѓаните и остануваат на нивниот предлог за буџетски заштеди од 204 милиони евра со што владата нема да има потреба да се задолжува.
Ќе ги разгледаме сите амандмани и за оние што ќе оцениме дека може да се прифатат, да се вклопат во вкупниот концепт на буџетот[...] ќе ги прифатиме, сè со цел да се надмине актуелната блокада.
Зоран Ставрески, министер за финансии.

„Сметаме дека владата ги потроши сите кредити и не смее да опстои на нејзиниот инает, ароганција и желба за криминално и ненаменско трошење на парите. Нека се прифати нашиот предлог, рационален и коректен во интерес на граѓаните, во истиот момент на Комисијата за финансирање и буџет ќе изготвиме заеднички амандмани и тие ќе бидат амандмани на Комисијата, тоа деловникот го предвидел и го овозможува“, вели Ивановски.

За Ставрески, пак, предлогот на Вељаноски е прифатлив.

„Ќе ги разгледаме сите амандмани и за оние што ќе оцениме дека може да се прифатат, да се вклопат во вкупниот концепт на буџетот, ќе најдеме решение и ќе ги оцениме како позитивни, односно ќе ги прифатиме, сè со цел да се надмине актуелната блокада и да го предизвикаме СДСМ на некој начин да се однесува конструктивно. Дали тоа ќе вроди со плод, тешко е да се каже“, вели Ставрески.

Предлогот на Вељаноски, според неговиот Кабинет, произлегол од изјаснувањето на претседателите на Комисијата за финансирање и буџет и на Законодавно-правната комисија, кои се изјасниле дека работата на собраниските тела не функционира. За утре е закажана нова координативна средба на која ќе биде повикан да учествува и пратеникот Изет Зеќири кој има поднесено 408 амандмани. Досега се поминати 156 амандмани од вкупно 1.225 поднесени.