Узбекистан надвор од Организацијата на договорот за колективна безбедност

Самит на Организацијата на договорот за колективна безбедност во Москва.

Земјите-членки на Организацијата на договорот за колективна безбедност ја прифатиле одлуката на Узбекистан да го суспендира своето членство, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко на денешниот самит на оваа регионална организација за безбедност во Москва. Узбекистан побара суспендирање на членството во јуни годинава. Членки на организацијата сега се Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан. Лукашенко рече дека „нема да има лесни услови“ ако Узбекистан подоцна реши повторно да се приклучи на организацијата. На денешниот самит се разговарало и за состојбата во Авганистан по повлекувањето на најголемиот дел од меѓународните сили во 2014 година. За време на самитот, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков ја отфрли неодамнешната изјава на американската државна секретарка Хилари Клинтон дека сојузите предводени од Русија претставуваат обид за „ресоветизација“ на евроазискиот регион.