Грчки медиуми - Самарас и Борисов испратија заедничка порака до Скопје

Премиерот на Грција Андонис Самарас.

Грчките медиуми пишуваат за вчерашната средба меѓу премиерите на Грција и на Бугарија Андонис Самарас и Бојко Борисов во Атина и нивната заедничка порака дека Македонија треба да покаже добрососедство.

„Та Неа“ пишува дека од Атина се испратени две пораки - за соработка и разбирање на Балканот и едно предупредување до Скопје да ги почитува добрососедските односи и да не предизвикува вештачки кризи. Весникот цитира дипломатски извори според кои меѓу Грција и Бугарија постои „взаемно разбирање“ за прашањето за името, но додава дека Софија е загрижена од порастот на национализмот од страна на Македонија „кој се манифестира и со неодамнешните најави дека на скопско-бугарската граница ќе се постави јарбол со македонско знаме висок 60 метри“.

„Етнос“ пишува дека двете земји испратиле заедничка порака до Скопје за почитување на добрососедските односи и оти Атина и Софија се одлучни да го спречат развојот на национализмот и порастот на иредентизам во регионот.

„Катимерини“ пишува дека Грција и Бугарија ги продлабочуваат односите, a „То Вима“ информира дека Самарас во февруари ќе ја посети Софија.