Талибанци ќе можат да одат на мировни разговори во странство

Советот за безбедност на ОН објави ублажување на рестрикциите за да им овозможи на санкционираните талибански претставници да патуваат надвор од Авганистан на мировни разговори. Советот вчера ги обнови санкциите против авганистанските Талибанци, но во резолуцијата ја поканува владата на Авганистан, во блиска соработка со авганистанскиот Висок мировен совет, да ги достави на разгледување имињата на лица од црната листа чие присуство е неопходно на состаноците надвор од земјата за поддршка на мирот и помирувањето.
На листата за санкции на Советот за безбедност се наоѓаат 132 лица и 4 ентитети. Овој потег на Советот доаѓа по најавите дека наредниов викенд во близина на Париз ќе биде одржан состанок на претставници на авганистанската влада, на Талибанците и на други фракции, посветен на иднината на земјата.