Египетски организации за човекови права: Нерегуларности на уставниот референдум

Граѓани чекаат да гласаат на референдумот во Каиро.

Осум египетски организации за човекови права повикаа на повторување на првиот круг од референдумот за новиот нацрт-устав, наведувајќи дека имало големи повреди на гласањето.

Исламистичките сојузници на египетскиот претседател Мохамед Морси претходно соопштија дека на првиот круг од референдумот, тесно мнозинство од оние кои гласале го поддржале текстот. Муслиманското братство соопшти дека, според нивните податоци, за нацрт-уставот гласале околу 57 отсто од грѓаните.

Институтот за студии за човекови права од Каиро соопшти дека на набљудувачите од граѓанскиот сектор не им било дозволено да присуствуват на броењето на гласовите, додека на претставниците на Партијата за слобода и правда на претседателот Морси тоа им било овозможено. Тие посочија и дека имало верска пропаганда, прекини на гласањето на некои места, како и дека некои гласачки места затвориле пред завршувањето на предвиденото време за гласање.

До референдумот доаѓа по неколкунеделните масовни протести во Египет. Излезноста на референдумот се проценува на околу 32 отсто. Официјалните резултати ќе бидат соопштени по втората рунда гласање во остатокот од земјата што треба да се одржи в сабота.