ДУИ го поздравува новиот пристап на ЕУ кон Македонија

Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

ДУИ го поздравува новиот пристап на ЕУ кон Македонија. Партискиот портпарол Бујар Османи на денешната прес-конференција рече дека како резултат на ангажманот на институциите предводени од ДУИ во 2012 година се случија два крупни исчекора во приближувањето на Македонија кон ЕУ.

„Почетокот на Високиот пристапен дијалог со ЕУ, кој служеше како вистински катализатор на реформскиот процес што и се одрази со еден од најпозитивните извештаи на Европската комисија и последната одлука на Европскиот совет, со која се воведе нов квалитет во односите помеѓу Македонија и ЕУ, односно се смени
статичкиот пристап кој го имаше ЕУ во последните 4 години со еден динамички пристап и рамка за започнување на преговорите“, рече Османи.

Тој вели дека ДУИ го поздравува овој нов пристап и изрази надеж дека тоа ќе биде доволен мотивирачки фактор да се одржи динамиката на реформскиот процес.