Израелскиот шеф на дипломатијата Авигдор Либерман поднесе оставка

Израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман.

Израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман денеска и официјално поднесе оставка, по обвиненијата за злоупотреба на функцијата. Либерман ја поднесе оставката два дена откако објави дека ќе се повлече од функцијата за да се бори против обвиненијата.

Минатата недела, израелското јавно обвинителство го обвини за злоупотреба на функцијата во еден случај на измама и перење пари. Израелскиот министер ги негира обвинувањата и рече дека сака да си го исчисти името и да се врати во политиката без одложување.

Либерман е претседател на националистичката партија Јисраел Беитену и е кандидат за пратеник на парламентарните избори што треба да се одржат на 22 јануари. Јисраел Беитену е во коалиција со партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Токму Нетанјаху сега ќе ја преземе функцијата министер за надворешни работи.