Евролидерите ги поддржаа заклучоците за проширувањето

Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо

Лидерите на Европската унија денеска во Брисел, како што јавуваат новинските агенции, без расправа ги поддржале заклучоците од состанокот на шефовите на дипломатијата за проширувањето на Унијата. Во заклучоците од самитот се наведува дека Европскиот совет ги поддржува и поздравува заклучоците за проширување на Советот на министри од 11 декември. Како што е познато, министрите постигнаа согласност дека Европската комисија до крајот на ирското претседавање на Унијата во јуни 2013 ќе треба да подготви извештаи за напредокот направен од Скопје, Белград и Приштина по што е можна одлука за отворање на преговорите со Македонија и Србија и за договор за асоцијација со Косово.