СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ се скараа за собраниската комисија за труд и социјална политика

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска ја закажа седница на
Комисијата за труд и социјална политика во среда. Во соопштението од неговиот кабинет е наведено дека на седницата ќе бидат разгледувани законите кои ги засегаат пензионерите, примателите на социјална помош, како и други закони од социјалната сфера.
Откако Вељаноски ја закажа седницата, претседателката на Комисијата
Цветанка Иванова од СДСМ изјави дека повеќе нема намера да ја води седницата на која се расправа за законот за бранители поднесен од ВМРО-ДПМНЕ на која се разгледуваат над 15 илјади амандмани. Таа додаде дека очекува оти Вељаноски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе демонстрираат ист аршин и подеднаква одлучност за законот за бранители како за серијата други закони од сферата на социјалата.
Во писмената реакција на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека Иванова избрала да го слуша нејзиниот лидер Црвенковски, затоа таа две недели ја кочела работата на Комисијата за труд и социјална политика.