Белград разочаран, Загреб охрабрен по ослободувањето на Готовина и Маркач

Анте Готовина и Младен Маркач

Претседателот на Србија Томислав Николиќ оцени дека денешната одлука на Хашкиот трибунал за ослободување на хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач од вината за прогонот на српското население од Хрватска во 1995 година е политичка, а не правна. Таа, според него, нема да придонесе за стабилизација на ситуацијата во регионот. Српскиот вицепремиер, одговорен за соработката со Хаг Расим Љајиќ пак, оцени дека со оваа одлука, Хашкиот трибунал го загубил својот кредибилитет. Од друга страна, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ го поздрави ослободувањето на генералите. „Се покажа дека Готовина и Маркач не се виновни и оти хрватското раководство и оружените сили не дејствувале во организирана злосторничка акција за протерување на нашите сограѓани од српска националност„ изјави Јосиповиќ. Готовина и Маркач во април лани беа осудени на затворски казни од 24 и 18 години.