Продолжува истрагата во Конгресот за нападот во Бенгази

Американскиот конзулат во Бенгази, Либија

Претставници на разузнавачките служби вчера им покажаа на американските законодавци снимка на настаните пред и за време на септемврискиот напад врз американскиот конзулат во либискиот град Бенгази, во кој загинаа четири лица, меѓу кои и амбасадорот на САД во таа земја. Беа поставени прашања во врска со безбедноста на конзулатот, американскиот одговор на нападот и за поранешните изјави на администрацијата, кои ја предизвикаа истрагата.
Сенаторот од Демократската партија Дајан Фејнстејн, шеф на Комисијата за разузнавање на Сенатот, изјави дека филмот бил компилација од повеќе извори. Поранешниот директор на ЦИА Дејвид Петреус денеска ќе сведочи пред Комисиите за разузнавање на Претставничкиот дом и на Сенатот, во врска со нападот во Бенгази.