Франција ја призна опозицијата како легитимен претставник на Сиријците

Илустрација.

Франција стана првата европска држава што официјално ја призна новоформираната сириска опозициска коалиција како легитимен претставник на сирискиот народ. Ова вчера го соопшти францускиот претседател Франсоа Оланд.

Сириските опозициски групи во неделата се согласија да формираат широка коалиција за соборување на претседателот Башар ал-Асад по 20-месечното востание против неговиот режим.

Министрите за надворешни работи од ЕУ и од Арапската лига на вчерашниот состанок во Каиро го поздравија формирањето на коалицијата, но не ја признаа официјално. Франција исто така беше првата земја која официјално ја призна преодната влада на Либија, како алтернатива на поранешниот лидер Моамер Гадафи.