ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ создава проблеми, па лицемерно нуди решенија

По предлог законот за стечајните работници кој денеска СДСМ го достави во Собранието, владеачката партија соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ е првата партија која седнала да ги решава проблемите на стечајните работници и досега преземале низа мерки за стимулирање на вработување на лица од оваа возрасна и социјална категорија на граѓани. Во писмената реакција е наведено дека кога СДСМ е на власт ги создава проблемите, односно СДСМ и Бранко Црвенковски ги создадоа стечајците со нивната промашена приватизација, а кога е во опозиција лицемерно се нудат да ги решава.
СДСМ денеска побара сите стечајни работници кои имаат најмалку 15 години стаж и 50 години старост за жени и 53 години за мажи да примаат месечен надоместок во висина од 30 проценти од просечно исплатената нето плата по работник во претходната година, односно околу 100 евра.