Албанија и Косово се договорија за размена и заштита на класификувани информации

Албанија и Косово потпишаа спогодба за размена и заштита на класифицирани информации, јавува МИА. Документот, вчера, во Приштина го потпишале косовскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи и директорот во Дирекцијата за безбедноста на класифицирани информации на Албанија, Шикири Декавели.
- Ова е многу важна спогодба за Косово особено сега кога се комплетираат институциите. Албанија е многу понапред, таа е и членка на НАТО и ги има стандардите кои се применуваат во Алијансата, изјавил министерот Реџепи.
Директорот во Дирекцијата за безбедноста на класифицирани информации на Албанија, Декавели, оценил дека потпишувањето на оваа спогодба е од големо значење за обезбедувањето класифицирани информации кои се разменуваат меѓу двете земји. Тој рекол дека класифицираната информација е битна за националната безбедност и оти Албанија ги спроведува стандардите кои ги бара НАТО.