ДУИ повика на единство и помирување

ДУИ денеска јавно повика на помирување во поглед на прашањето за законот за бранителите. Ермира Мехмети од ДУИ денеска изјави дека партијата се залага за решавање на проблемите и настојува да не ги продлабочи проблемите на меѓуетнички план, затоа што, како што вели, ова е време за помирување а не за раздор, на единство,а не на поделба. Таа додаде дека предлог законот што го поднесе ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив и претставува закана за Охридскиот договор и е во спротивност со принципите на мултиетничката демократија. Мехмети истакна дека ДУИ е за закон со кој ќе се разрешат проблемите кои постојат од 2001 година и за закон со кој ќе се задоволат потребите на сите учесници во конфликтот во 2001 година.

На ова реагираше владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ која го повтори својот став дека предложениот закон за бранители не е противуставен, не е против некој етникум, туку е поддршка кон семејствата на загинатите бранители и оние кои имаат последици од воениот конфликт.Во писмената реакција се наведува дека со овој закон не се нарушуваат ниту се одземаат правата на било кој друг субјект на кого овој закон не се однесува и целта на законот не е да се искористи како повод за меѓусебни докажувања и надмудрувања.