Поранешниот украински премиер излезе од затвор

Поранешниот украински премиер, Павло Лазаренко најверојатно е ослободен од американскиот федерален затвор во Калифорнија каде што одлежа повеќе од осум години. Цитиран е затворски вработен кој вели дека вчера,рано изутрината Лазаренко го напуштил затворот во Лос Анџелес. Премиерот на Украина од 1996 до 1997 година, Лазаренко, пребега во САД во 1999 година. Тој беше обвинет за перење пари и измама а заедно со поранешната премиерка Тимошенко, по него се трага и во Украина за перење пари и учество во неколку убиства. Адвокатот на Лазаренко, Дејвид Хоровиз изјави дека Лазаренко се плаши да се врати во Украина зошто би можел да се соочи и со физичка опасност.