Ердоган: ЕУ ќе ја загуби Турција

турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган

Европската унија ќе ја загуби Турција ако не ја прифати за членка до 2023 година. Ова синоќа го изјави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган кој во Берлин учествува на разговори за европските перспективи на Турција. Првпат досега Ердоган спомнува рок во кој Анкара планира да ги продолжи напорите за членство во ЕУ. Турција официјално започна преговори за членство во 2005, но тие се замрзнати во последниве години поради несогласувањето на некои од големите држави во Унијата и поради неможност за наоѓање решение на кипарскиот проблем. Германскиот канцелар Ангела Меркел наместо членство препорачува стартешко партнерство со Анкара. За разлика од неа, шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле го поддржува стремежот на Турција за влез во Унијата. Во земјите на ЕУ живеат околу шест милиони Турци, од нив три милиони се во Германија.