ДУИ поднесе 15 451 амандмани во Собранието

ДУИ поднесе 15 451 амандман за Предлог на законот за посебните права на бранителите, кој повторно влезе во собраниска процедура откако пратениците денеска изгласаа тој да се разгледува по скратена постапка. Поднесените амандмани треба да се разгледуваат на Комисијата за труд и социјална политика, чија седница е закажана за четврток. Дотогаш ДУИ има право да достави уште амандмани.
Претходно законот беше во редовна собраниска процедура, но тој заглави во собраниската комисија за труд и социјална политика каде што беше блокиран со долги дискусии на пратеници при што дел од нив земаа збор со молчење.
Пратениците од албанскиот блок и натаму сметаат дека овој закон е дискриминирачки и дека не треба да се донесе во формата во која е предложен, па затоа најавија дека ќе го блокираат неговото донесување со сите институционални можности кои им се на располагање.