Филе - Напорите за проширување на ЕУ се како Јети

Eврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Европската унија мора да го задржи суштинскиот фокус на проширувањето и покрај извесниот скептицизам во момент кога ЕУ се бори со економските тешкотии, изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе вчера во Варшава.

„Напорот за проширувањето потсетува на Јети. Сите зборуваат за тоа, но никој не го видел“, истакна Филе по состанокот со претставниците на Вишеградската група и земјите-кандидатки за членство во ЕУ.

Тој посочи дека ако земјите-кандидати за членство во ЕУ имаат кредибилитет кога станува збор за нивниот процес на реформи, тогаш Унијата би требало таа земја да ја придвижи напред во процесот на проширување.
„Во наш интерес е да имаме што посилен консензус по прашањата за проширувањето. Проширувањето никогаш не бил дел од проблемот туку дел од решенијата“, истакна Филе.

Средбата во Варшава е организирана од земјите членки на Вишеградската група - Унгарија, Полска, Чешка и Словачка. На состанокот учествуваат министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Полска, Словачка, Србија, Романија, Хрватска, Чешка и на Унгарија и еврокомесарот Филе.