Сметка за телевизија за секој човек

На многу семејства во Прилеп им стигнале сметки за радиодифузна такса за сите членови на семејството поединечно.
Прилепчанката Спасија Јовановска има 72 години. Со синот, снаата и внукот живеат во стан на улица Кеј 4-ти Јули во Прилеп и имаат само еден телевизор дома. Но, деновиве во поштенското сандаче им стигнале три сметки за наплата на радиодифузна такса, доставени од битолската регионална Управа за јавни приходи. Првин мислеле дека е некоја грешка, но кога ги погледнале податоците заклучиле дека фактички треба секој член на семејството да плаќа радиодифузна такса по 200 денари.
За секој член добивме за наплата за македонската телевизија, за сите да плаќаме, сите члена, ќе реагираме, не можеме вака, немаме излез, не може сите да плаќаме, треба и децата, и нив нека им пратат и тие гледаат телевизија и мачето и кучето и сите нека ги пишат, на сите нека им дојде по една.
Спасија Јовановска, жителка на Прилеп.

„За секој член добивме за наплата за македонската телевизија, за сите да плаќаме, сите члена, ќе реагираме, не можеме вака, немаме излез, не може сите да плаќаме, треба и децата, и нив нека им пратат и тие гледаат телевизија и мачето и кучето и сите нека ги пишат, на сите нека им дојде по една“, вели Јованоска.

Спасија Јовановска од Прилеп.


Се жали и нејзината сосетка Милена Десаноска, која живее само еден кат подолу во истата зграда. Таа е исплашена како ќе ги плаќа сега сметките кон МТВ, кога вели живеат од скромна пензија со болниот сопруг.
Тројца сме, две сметки, никогаш што не идело и мене сега ми дојде, од каде јас пари, од апчиња што пиеме лекови со мажон, од што пари, од ништо. И сега што да правиме, нека прекине сигурно, ние немаме едната да ја платиме сметка, па сега две, од каде, од пензионер и од болен човек и јас апчиња пијам и тој пие.
Милена Десаноска, жителка на Прилеп.

„Тројца сме, две сметки, никогаш што не идело и мене сега ми дојде, од каде јас пари, од апчиња што пиеме лекови со мажон, од што пари, од ништо. И сега што да правиме, нека прекине сигурно, ние немаме едната да ја платиме сметка, па сега две, од каде, од пензионер и од болен човек и јас апчиња пијам и тој пие“, вели Десаноска, посочувајќи на сметките.

Но, не само овој дел од градот, сметки за радиодифузна такса за сите членови на семејството поединечно им стигнуваат на сите прилепски семејства. Овoj хаос, велат прилепчани, никако да прекине. Има граѓани кои добиле сметки и за починати лица, поранешни сопственици на куќи кои се одамна продадени на друг сопственик.

„Човекот е умрен некаде три години и сега ми дојде да плаќам и за умрениот и синот да плаќа и за умрениот, пратив две писма препорачани, одговор нема.“

Милена Десаноска од Прилеп.


„Сметките доцнеа, бев јас овде во Управата, ми рекоа сметките никаде не се пратени, ќе ги пратат. И добив една на мое име за осми месец и добив една сметка на името на снаа ми. А, седиме во стан, да седиме во куќа ќе речеме, ајде едниот кат едниот седи, на другиот друг“, реагираат прилепчани кои ги затекнавме пред влезот на Управата за јавни приходи.

Од битолската регионална Управа велат дека одговор за оваа ситуација треба да се побара во секторот за наплата на радиодифузна такса во Македонската радио телевизија. Но, немаат одговор, како може МРТВ да располага со лични податоци на граѓаните, како матичните броеви, и тоа за лица кои се евидентирани само во Управата за јавни приходи или во МВР, зашто има случаи сметки да стигнат и за студенти, кои во моментов студираат во странство.

Во соопштението од Македонската радио телевизија, пак, упатуваат сите граѓани кои сметаат дека не треба да плаќаат такса, да се јават лично во просториите на овој јавен сервис, да испратат приговор или да се јават по телефон за да се исправи грешката.

Но, револтот на прилепчани расте, зашто и покрај ова известување до јавноста, сè уште на домашна адреса стигнуваат нови сметки од МРТВ. Некои најавија дека ќе бараат одговорност од јавниот сервис, зашто ги користи нивните лични податоци.