г.Тимотеј:Николиќ укажа дека спорот со СПЦ е политичко прашање

Светиот архиерејски синод се уште не расправал по последниот предлог на српскиот претседател Томислав Николиќ според кој Српската православна црква би ја признала Македонската православна црква доколку биде ослободен Јован Вранишковски, изјави денеска во Тетово митрополитот Дебарско-кичевски господин Тимотеј. Тој го изрази својот личен став тврдејќи дека понудата на српскиот претседател Николиќ е упатена повеќе до државниот врв затоа што МПЦ ниту може некого да стави во затвор, ниту може да ослободи. Владиката Тимотеј смета дека српскиот претседател ги демантира ставовите на СПЦ кои ги изразуваа во изминатите 45 години, затоа што Синодот и портпаролите на СПЦ постојано изјавуваа дека тоа е строго црковно прашање и нема место за надворешни фактори и сега одеднаш тоа не е црковно, туку е државно, односно политичко прашање. Toj додаде, дека ослободување на еден човек е прифатливо, но тој не може да го ослободи.