Помина и првиот ден од самитот за спас на еврото

Лидерите на Европската Унија денеска присуствуваа на самит и покрај поделеноста на Франција и Германија за тоа како да се оддржи економската и монетарна унија. На дводневниот самит главната тема на разговор меѓу лидерите беше должничката криза и напорите за формирање на банкарска унија во еврозоната.
Претходно германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ЕУ треба да има моќ да стави вето врз националните буџети на земјите – членки.
Меркел во обраќањето во Бундестагот, пред дводневниот самит на Унијата посветен на должничката криза, изјави дека Евро-комесарот за економија треба да има моќ да прогласи буџет на земја членка за невалиден.
Но францускиот претседател Франсоа Оланд го отфрли предлогот, велејќи дека единствената одлука која треба да се донесе на овој самит е да се потврди дека набљудувачки механизам на банкарската унија ќе биде поставен до крајот на годинава.