Андерс Борг: За Грција е подобро да се откаже од еврото

Шведскиот министер за финансии Андерс Борг изјави дека за Грција е подобро да се откаже од еврото со цел да ја зајакне својата економија.
- Ако ја напушти еврозоната, Грција најверојатно ќе ја поврати својата конкурентност и тогаш ќе може полека да застане на нозе, изјави Борг, кој се наоѓа во Токио на средба на Меѓународниот монетарен фонд.
Шведска, која не сака да се приклучи на еврозоната, јавно изрази скептичност кон финансиската солидарност меѓу европските држави и се спротивстави на проектот за европска банкарска унија.
Грција се обидува да остане во еврозоната, наспроти недостигот на конкурентност на својата економија, поради што 2013 година според прогнозите најверојатно ќе биде шестата година по ред со пад на бруто домашниот производ на земјата.