Меркел пристигна во Атина

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска пристигна во Атина. Ова е прва нејзина посета на земјата од почетокот на должничката криза во Грција пред три години. Меркел денеска ќе има одвоени средби со Самарас и со грчкиот претседател Каролос Папуљас, а потоа ќе учествува на настан во организација на Грчко-германската стопанска комора.

Над 7 илјади полицајци се ангажирани денеска за да спречат протести, за време на нејзината 6 часовна посета.

Затворени се сите улици по кои поминува Меркел, а нејзината маршрута ја обезбедуваат и снајперисти. Сите припадници на специјалните единици за справување со немири се распоредени пред Парламентот и претседателската палата, која е на само неколку стотици метри од хотелот „Хилтон“ каде Меркел подоцна ќе учествува на настанот на грчко-германската стопанска комора.

Во понеделникот илјадници демонстранти протестираа против нејзиното доаѓање во Атина и строгите мерки за штедење кои ги наметнуваат меѓународните кредитори во замена за финансиска помош.